Најбогатиот Британец, Сер Џим Ретклиф, кој признава дека како дете навивал за Манчестер јунајтед, вели дека купувањето на англискиот гигант би било трошење пари, бидејќи клубот „го загубил правецот“ по заминувањето на Сер Алекс Фергусон како тренер во 2013 година.
Ретклиф, кој „тежи“ околу 20 милијарди фунти преку својата хемиска компанија „Инеос“, го купи францускиот клуб Ница за 110 милиони евра во август, откако претходно беше заинтересиран за купување на Челси, Њукасл и Лидс. Тој вели дека ниту еднаш не размислувал да го купи клубот за кој навива.
„Не сакав глупаво да трошам пари, бидејќи тоа не сум го правел никогаш. Во моментов тие не се погоден бизнис. Не ги бираа менаџерите добро, не купуваа добро. Тие трошеа глупаво на фудбалери како Фред. По заминувањето на Фергусон тие трошеа многу и сега, искрено, се сиромашни. Шоктантно сиромашни. Во Ница имаме малку поинтелигентен пристап“, вели Ретклиф.
Тој признава дека бил заинтересиран за Челси, но дека сумите кои се бараат за англиските клубови се неоправдани.
„Веднаш добивате некои астрономски суми. Колку плати Роман Абрамович за Челси? 100 милиони фунти? Глејзери во Јунајтед? 500 милиони фунти? А, сега тврдат дека нивните клубови вредат 3 или 4 милијарди фунти, но никој не платил таква цена“, објаснува Ретклиф.