Top Sport

Насри: Сампаоли ме оставаше да се пијанчам во Севилја

Контроверзниот Самир Насри вели дека имал огромна слобода како фудбалер на Севилја од поранешниот тренер Хорхе Сампаоли, кому не му било проблем да му дозволи на Французинот да излегува во ноќни клубови и да се пијанчи, додека игра добро.

Насри имаше одлична сезона со Сампаоли во 2016/17 по настапите за Арсенал и Манчестер сити, предводејќи го тимот до обид за титулата пред да завршат на четвртото место. 32-годишниот Насри, кој сега е фудбалер на Андерлехт во Белгија (кои неодамна изјавија дека не знаат каде е „избеган“), во интервју открива дека имал одлични односи со Сампаоли.

„Имав вистинска пријателска врска со Сампаоли, кој беше повеќе пријател отколку тренер. Тој ме сакаше толку многу што ми кажа: ’Дојди, можеш да пиеш, да излегуваш, да правиш што сакаш, јас ќе те покривам. Само сакам да играш добро’. Еден викенд не можев да играм и сакав да одам дома и да го видам семејството и тој се понуди да ми ја чува куќата и кучето“, вели Насри.

Тогаш тргнаа наопаку работите за Насри, откако беше на третман со инфузија во клиника во Лос Анџелес, поради што тој доби 18-месечна суспензија за прекршување на анти-допинг правилата.

„Тоа ми ја уништи сезоната. Се работеше за инјекција со витамини која беше легална и за која имав рецепт, но клиниката ми даде преголема доза. Бев уништен и не сакав да играм после тоа. Бев загубен“, открива Насри.

Scroll to Top