Барселона и Нејмар, конечно, ставија крај на својата долга легална битка на „пријателски начин“, открива каталонскиот гигант, по четири години „влечење“ на суд.
Поранешниот фудбалер на Каталонците, а сега ѕвезда на Пари Сен-Жермен, беше во конфликт со Барселона по трансферот од 222 милиони евра (уште е светски рекорд) во 2017 година. Тој тврдеше дека не му се исплатени бонусите за лојалност и покрај заминувањето од „Ноу Камп“, додека Барселона тврдеа дека тој го прекршил договорот.
„Барселона објавува дека става крај на судскиот процес со Нејмар да Силва Сантош Жуниор на пријателски начин“, објавија Барса на својот веб-сајт.
Менаџерската компанија на Нејмар тврдеше дека тој и неговиот татко Нејмар Сениор треба да добијат 43.6 милиони евра како дел од договорот потпишан во 2016 година, според клаузулата за лојалност. Во јуни 2020, судот во Каталонија пресуди во корист на Барселона, наредувајќи му на Нејмар да плати 6.7 милиони евра на својот поранешен клуб. Сега, сите спорови меѓу двете страни се завршени.