Андреј Крамариќ постигна два гола, а Хрватска се „созеде“ по почетното шокантно водство на Канада за 4:1 победа и доближување до пласман во нокаут фазата на Мундијалот во Катар, покажувајќи дека финалистите од минатото СП не можат да бидат потценети.
Стартот на мечот донесе вистински шок за тимот на Златко Далиќ, откако ѕвездата на Баерн Минхен, Алфонсо Дејвис го совлада голманот Ливаковиќ по само 68 секунди игра, така постигнувајќи го првиот гол за канадската репрезентација во историјатa на Светските првенства. Меѓутоа, „коцкестите“ потоа се созедоа и до крајот на полувремето успеаја да дојдат во водство.
Користејќи го падот на темпото и на концентрацијата на канадската одбрана, прво Андреј Крамариќ по одличната асистенција на Иван Перишиќ во 36. минута израмни на 1:1, за веќе во 44. минута, Марко Ливаја со удар од далечина да го совлада Милан Борјан за целосен пресврт. И покрај обидите на Канада да се врати во игра во второто полувреме, победата на Хрватска ја осигура Крамариќ во 70. минута со уште еден убав гол, повторно на асистенција на Перишиќ. Замените Мислав Оршиќ и Ловро Мајер во 92. минута ја искористија грешката на канадската одбрана за конечни 4:1.
Со победата, Хрватска и Мароко имаат по 4 поени на врвот на табелата во групата Ф, Белгија е втора со три поени, додека Канада без поени се приклучува на домаќинот Катар, како единствени репрезентации кои немаат шанси за пласман во нокаут фазата. Во последното кола, на Хрватска ќе и биде доволно реми против Белгија, додека Мароко ќе биде фаворит против Канада.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк