Манчестер јунајтед пропушти шанса со две победи да ја стартува новата сезона од Премиер лигата, откако одигра само 1:1 на гостувањето кај незгодните Вулверхемптон, иако имаше совршена шанса за тоа со пенал во 68. минута од мечот.
По импресивната 4:0 победа над Челси, момците на Оле Гунар Солскјер почнаа одлично, откако Антони Марсијал постигна гол во 27. минута по одличното проигрување со Маркус Рашфорд, покажувајќи дел од партнерството од кое се очекуваат многу голови оваа сезона.
Меѓутоа, во 55. минута од мечот, португалскиот фудбалер од средниот ред Рубен Невеш постигна ефективен гол од работ на шестнаесетникот за да израмни, иако мораше да се почека ВАР системот да потврди дека во претходната акција немало офсајд.
Можноста „ѓаволите“ да освојат три поени и да се приклучат на Ливерпул и Арсенал како единствени со максимални поени по првите две кола во ПЛ беа „уништени“ во 68. минута, кога беше досуден пенал откако Погба го пронајде Марсијал, а Коуди го собори во шестнаесетникот. Сепак, ударот на Пол Погба заврши во рацете на голманот Руи Патрисио.