Поранешниот капитен на Манчестер јунајтед, Гери Невил одговори на изјавите на сопругата на Анхел ди Марија дека Англија и Манчестер се „ср.ње“, објаснувајќи дека Аргентинецот „играл како канализација“ додека бил на „Олд Трафорд“.
Фановите на „ѓаволите“ очекуваа дека Анхел ди Марија ќе стане нова легенда на клубот со дресот со број 7 кога пристигна од Реал Мадрид во текот на летото 2014 година, но тој си замина по една сезона со катастрофални резултати. Сопругата на 32-годишниот напаѓач, Хоргелина Кардозо тврдеше дека не сакала да направи трансфер во Англија.
„Се сеќавам дека Анхел дојде и ми кажа дека пристигнала понуда од Манчестер јунајтед и дека ќе бидеме финансиски сигурни. Се каравме за тоа. Имаше многу пари во трансферот и шпанскиот печат не обвинуваше дека трчаме со пари и беа во право. Беше ужасно. Сè беше ужасно и му кажав да оди било каде освен во Англија. Една година подоцна бевме таму и беше ср.ње“, изјави Кардозо.
Невил тврди дека Ди Марија и неговото семејство бараа изговори од моментот кога пристигнаа во Манчестер и го посочи неговиот сонародник Серхио Агуеро, кој стана легенда во Манчестер сити.
„Сè што можам да кажам, од време на време добиваме вакви коментари од фудбалери кои играле како канализација, како што играше Ди Марија во Манчестер јунајтед. Тој беше ужасен, а јас имав големи очекувања дека потпишавме со голем фудбалер. Не беше заинтересиран од првиот ден. Треба да погледне во Серхио Агуеро или Пабло Забалета, кои не сакаа да избегаат од Манчестер. Ќе го бранам мојот град до крај и доколку таа имала несреќно искуство да биде ограбена, тоа не значи дека смее да дава такви оценки“, вели Невил.