Шпанскиот шампион, Барселона мораше да ги демантира вестите во шпанските медиуми дека плаќале за да се наруши репутацијата на легендарни ликови од историјата на клубот, вклучувајќи ги Пеп Гвардиола и Лео Меси.
Шпанското радио „Кадена САР“ тврди дека Бартомеу ја ангажирал компанијата „И3 венчурс“ во обид да го подобри сопствениот имиџ и репутацијата на бордот на клубот со критикување на низа на славни ликови од Каталонија, вклучувајќи ги Гвардиола, Меси, Карлес Пујол и Чави Ернандез. Мета на навредливи постови на Интернет бил и Виктор Фонд, кандидатот за претседател на Барселона во 2021 година и човек близок до Чави.
Бартомеу нема да бара реизбор, бидејќи беше на чело на клубот шест години, и засега само Фонт е човекот кој пројави амбиции да го замени 57-годишниот бизнисмен. Барселона со официјално соопштение ги демантираше вестите.
„Барселона демантира дека има некаква врска со компанијата која креира мислења на социјалните мрежи со цел да се наруши имиџот на одредени личности. ’И3 венчурс’, која е провајдер на клубот, нема никаква врска со акаунтите кои беа споменати и доколку се открие такво нешто, клубот веднаш ќе го прекине договорот и ќе ги покрене сите легални мерки. Барселона ги користи услугите за мониторирање на социјалните мрежи и анализирање на позитивните и негативните пораки на клубот со цел да се заштити репутацијата на клубот. Клубот заддржува право да поднесе тужба против тие кои го имплицираат клубот во вакви практики“, се вели во соопштението на Барселона.
Ова е втор скандал кој го потресува каталонскиот гигант во 2020, по јавната расправија меѓу Меси и спортскиот директор Ерик Абидал по отпуштањето на Ернесто Валверде.