Обвинителството во Холандија побара две години затвор за фудбалерот на Спартак Москва, Квинси Промес, пренесува „Ројтерс“.
Во обвинението се наведува дека 31-годишниот е виновен за напад со нож кон неговиот братучед на семејна забава во 2020 година. Во судницата се слушнаа телефонски повици веднаш по инцидентот во кој Промес призна дека сакал да го избоде својот братучед.
Адвокатот на играчот се обиде да го убеди судот дека тие телефонски повици не треба да се користат како доказ. Тие се добиени поради уште една кривична истрага која се води против фудбалерот, за шверц на дрога.
Промес не се појави во судот во Амстердам и ги негира сите обвиненија.
Тој првично беше обвинет за обид за убиство, но обвинителите рекоа дека нема доволно докази за да го поддржат тоа тврдење. Инцидентот се случил за време на семејна забава во град во близина на Амстердам во јули 2020 година.
Промес има осум гола на 50 настапи за репрезентацијата на Холандија. 31-годишниот фудбалер настапува за Спартак Москва од февруари 2021 година, откако направи трансфер од Ајакс.
Се уште не е јасно кога судот ќе донесе конечна одлука за случајот.