Повеќе од 20 полицајци денеска влегоа во просториите на Бугарскиот фудбалски сојуз (БФС) во Софија, надоврзувајќи ги проблемите на бугарскиот фудбал по скандалозниот меч со Англија.
Откако претседателот на Сојузот, Борислав Михајлов поднесе оставка по расистичките и нацистичките инциденти на квалификацискиот дуел од Евро 2020, следуваше рацијата која според јавното обвинителство е дел од истрага за корупција.
„Се работи за спортски злосторства. За корупција поврзана со работата на судиската комисија на БФС и именувањето на судии. Истрагата е во тек“, велат од обвинителството.
56-годишниот Михајлов, кој беше дел од славната бугарска фудбалска генерација која стигна до полуфиналето на СП во 1994 година, беше претседател на БФУ од 2005 година, кога го замени Иван Славков, кој беше исфрлен од Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) поради обвиненија за корупција.
Се јави и бугарскиот премиер, Бојко Борисов, инаку голем љубител на фудбалот и повремен фудбалер.
„Оставката си е работа на БФС. Ние нема да се мешаме во работата на фудбалскиот сојуз. Има судии и обвинители кои ќе го водат случајот, а ние само треба да овозможиме помош од државата. Доколку не ги почитуваат законите, местат мечеви или договараат судии за мечеви, тоа не може да се толерира. Полицијата го има својот збор“, изјави Борисов.