Top Sport

Оваа година може да нема италијански шампион, но може и да се игра плејоф!

Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) преку соопштение потврди дека ќе се обиде да го одложи крајот на Серија А до 31 мај по ситуацијата со корона вирусот, но дека е можна и ситуација да има плејоф борба за скудетото и за испаѓањето.

На денешниот состанок помеѓу ФИГЦ, Италијанскиот олимписки комитет (ЦОНИ), владата и различните претставници на лигашките натпреварувања требаше да се утврди како ќе се продолжи по 3 април, датум до кога италијанската влада ги затвори сите спортски натпреварувања.

До планираниот крај на сезоната на 24 мај нема доволно време да се одиграат сите мечеви од Серија А, ниту мечевите од Копа Италија, и претседателот на ФИГЦ, Габриеле Гравина потврди дека е можно крајот на сезоната да се пресели на 31 мај, со што шампионатот би завршил пред Евро 2020, кое треба да стартува токму во Италија со мечот Италија-Турција во Рим на 12 јуни.

По 26 кола, Јувентус се на првото место на табелата со 63 поени, Лацио се втори со 62, додека Интер се трети со 54 и со натпревар помалку.

„Доколку итните случаи со ЦОВИД-19 не дозволат завршувашње на лигашките натпреварувања, претседателот Гравина даде неколку предлози кои ќе се разгледуваат на 23 март. Една опција е да не се додели скудетото и да се информираат УЕФА за квалификуваните клубови за европските натпреварувања. Друга опција е да се доделат наградите според сегашната состојба на табелата, а третата опција е да се организира плејоф за титулата италијански шампион и за одредување на патниците во Серија Б“, се вели во соопштението на ФИГЦ.

Досега, само еднаш во историјата скудетото се доделувало со плејоф, во 1963/64, кога Болоња и Интер ја завршија сезоната со 54 поени. Тие се сретнаа во еден меч во Рим, а Болоња ја освои титулата со 2:0 победа.

Scroll to Top