Top Sport

Панчев: Филмот е круна на се што сум направил во фудбалот

Легендарниот голгетер на Вардар и Црвена звезда Дарко Панчев добива документарен филм за неговата кариера. Премиерата ќе се одржи на 24 април во Скопје.

Документарецот, сниман 60 дена, се вика „Патот на Кобра до ѕвездите“ и раскажува за фудбалското патување на еден од најдобрите фудбалери на поранешна Југославија, кој со белградските црвено-бели ја покори Европа, а потоа и светот.

Проектот за Златната копачка и сребрената топка од Македонија е снимен и продуциран од Спорт клуб, Спорт Нетворк и Спортско радио 90,3 fm. Голема помош за документарниот филм даде и македонскиот новинар Живко Здравковски, долгогодишен дописник од Македонија за повеќе српски и меѓународни медиуми.

„Оваа идеја за филмот се роди пред речиси две години, меѓу одредени спортски новинари кои меѓусебно комуницираат. Ми ја објаснија идејата дека сакаат да направат филм за мене. Лично, од мое искуство, филмот треба да биде прилично добар, со многу гости, разговори и спомени. Се надевам дека сите што ќе дојдат ќе бидат задоволни од се што ќе видат. Сето ова што продукциската куќа Спорт Нетворк го прави заедно со Спорт клуб треба да се поздрави“, рече Панчев и додаде:

„Убаво е да се им остави нешто на помладите генерации. Филмот го немам гледано до сега, но за време на снимањето се навраќавме на моментите од детството, се потсетивме на многу работи заедно. Се надевам дека од оваа клима ќе излезат напаѓачи кои ќе стигнат до големи достигнувања, какви што имав јас во кариерата. Тука се и Сребрената топка и Златната копачка, кои се сон на секој стрелец. Драго ми е што како Македонец тоа го постигнав во редовите на белградска Црвена звезда, која беше меѓу најмоќните тимови во светот. Тоа ќе остане дел од историјата што ќе го паметиме“.

Во филмот, кој трае еден час и 18 минути, ќе се појават 45 личности од светот на спортот, културата и секојдневието кои на секој начин учествувале во сите животни искушенија на Дарко Панчев или тој со своите цели влијаел врз нивните животи.

Scroll to Top