Бразилската фудбалска легенда Пеле излезе од болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Пауло, два дена по операцијата за камен во бубрегот.
Освојувачот на три светски титули беше примен во болница минатиот вторник по враќањето од Франција, каде што се лекуваше од инфекција на уринарниот тракт. Пеле во саботата беше на операција и имал „успешна процедура“, објавија докторите.
78-годишниот поранешен фудбалер на Сантос последните години се мачи со проблемите со бубрезите и простатата, а помина една недела во болницата во Париз каде што беше на промотивна кампања со францускиот напаѓач Килијан Мбапе.
Пеле со Бразил ги освои светските титули во 1958, 1962 и најпознато во 1970 во Мексико, кога тој бразилски состав го редефинираше модерниот фудбал.