Легендата на бразилскиот и светскиот фудбал, Пеле напиша емотивно писмо до Диего Армандо Марадона, седум дена по неговата смрт со кратка и јасна порака: „Те сакам Диего“.
Пеле веднаш по смртта на Марадона во кратка изјава порача дека „еден ден“ ќе играат заедно фудбал на небото, а сега отиде во поголеми детали.
„Денеска поминаа седум дена откако замина. Многумина сакаа да не споредуваат цели нивни животи. Ти беше гениј кој го маѓепса светот. Магионичар со топката во нозете. Вистинска легенда. Но, пред тоа, за мене, секогаш беше голем пријател со уште поголемо срце. Денеска знам дека светот ќе биде многу подобар ако можеме помалку да се споредуваме, а повеќе да се почитуваме. Затоа, сакам да кажам дека ти си неспоредлив. Твојата патека беше одбележана со искреност. И на твојот уникатен и посебен начин, не научи дека мораме да сакаме и да кажуваме дека сакаме почесто. Брзото заминување не ми дозволи да ти го кажам тоа, така што ќе го напишам: Те сакам, Диего. Мој голем пријателу, благодарам за целиот пат. Еден ден, на небото, ќе играме во ист тим и тогаш ќе биде првпат да ја кренам тупаницата во воздух на теренот без да славам гол. Тоа ќе биде бидејќи повторно ќе можам да те гушнам“, напиша Пеле.