Top Sport

Пиоли: Клучен за елиминацијата беше поразот на првиот меч

Тренерот на Милан, Стефано Пиоли, не го криеше разочарувањето од елиминацијата на тимот во полуфиналето од Лигата на шампионите. „Росонерите“ го загубија реваншот против градскиот ривал Интер со 0:1, а натпреварувањето го напуштија со вкупен резултат 0:3.

На двата меча Милан упати вкупно само два прецизни удари кон противничкиот гол.

„Да не се лажеме, многу сме разочарани. Имавме одлична серија во Лигата на шампионите, победувајќи тимови како Тотенхем и Наполи и се надевавме дека ќе стигнеме до финалето. Ниту една екипа која минатата сезона беше елиминирана во групната фаза сега не успеа да се пласира во полуфиналето. Лути сме затоа што првите 15 минути од минатонеделниот натпревар се покажаа како фатални. Против нас имавме многу силен противник. Имавме свои шанси, но очигледно не направивме доволно за да ги искористиме“, изјави Пиоли.

„Ако играте полуфинале и во 12. минута губите 0:2, тоа е од голема важност. Тоа беше нашиот голем недостаток. Не можам за ништо да ги обвинам играчите. Дадоа сѐ од себе, се трудеа многу. Сега треба да ја завршиме сезоната на најдобар можен начин“, заврши тренерот на „росонерите“.

 

Scroll to Top