Top Sport

Пјонтек и Милан, конечно, го скршија отпорот на Верона (видео)

Верона од 21. минута играше со играч помалку по црвениот картон по грубиот старт на Мариуш Степински, но на Милан му беше потребен пенал за да стигне до неубедлива 1:0 победа.

И покрај тоа што домаќините играа со 10 играчи по несфатливиот потег на Степински, тие ја имаа најизгледната шанса во првото полувреме, кога Валерио Вере упати фантастичен удар кој беше многу блиску до горниот десен агол.

Милан ја имаше топката во своите нозе, но со малку иницијатива во нападот преку Сусо и Френк Кеси. Сепак, во 68. минута од мечот Амир Рахмани играше со рака во сопствениот шестнаесетник, и Кшиштоф Пјонтек од пенал беше прецизен за водство на „росонерите“. Пјонтек постигна уште еден гол во 83. минута од мечот, но тој беше поништен поради претходен прекршок. Давиде Калабрија, пак, во 95. минута од мечот доби црвен картон.

Тимот на Марко Џампаоло не може да биде задоволен од играта, но од втората победа во првите три кола од Серија А секако, посебно бидејќи во последните пет меѓусебни мечеви со Верона, Милан имаше два порази.

Scroll to Top