Легендарниот тренер од БиХ и поранешен југословенски селектор Ивица Осим, почина пред две недели на 80-годишна возраст во Грац. Денеска во Сараево во Народниот театар се одржа комеморација во негова чест, а потоа беше погребан на сараевските гробишта Баре.
Прославени фудбалски имиња, Никола Никиќ, Мехмед Баждаревиќ, Рефик Шабанаџовиќ, Сафет Сушиќ, Душан Бајевиќ, Блаж Слишковиќ, Фарук Хаџибегиќ, Сречко Катанец, Звонимир Бобан, Драган Стојковиќ, Владимир Петковиќ, дојдоа да се збогуваат со големиот стратег.
Драган Стојковиќ Пикси, великанот на Црвена Звезда, кој блескаше во дресот на Југославија под водство на Осим, се прости од некогашниот тренер.
„Покрај фудбалот, тој беше многу интелигентен човек, човек со големо срце, човек кој остави длабока трага во нашиот фудбал. Неговите тренерски квалитети и улогата на тренер им се познати на сите. Тој остави длабока трага во поранешната држава и тоа сите знаеме да го почитуваме и цениме. Ќе ми остане во драго сеќавање. Сетете се само на сликата на Светското првенство кога го постигнав првиот гол против Шпанија, истрчав до клупата и го прегрнав толку искрено, а тој ме прегрна мене. Таа слика доволно зборува за нашата врска“, рече Пикси, обраќајќи му се на покојниот тренер, „Шефе, ти благодарам за сè и уживај во рајот таму“.