Едсон Арантес до Насименто, многу попознат како Пеле, пред точно половина век го славеше својот најголем триумф со освојувањето на светската титула на преполниот „Азтека“ во Мексико сити, кога со 4:1 ја декласираа Италија.
Ова беше прв дуел на дотогаш двократните шампиони Италија и Бразил во едно финале, откако Италија победи во 1934 и 1938, додека Бразил триумфираше во 1958 и 1962 година.
Пред Мексико, Бразил победи во шесте квалификациски мечеви против Колумбија, Венецуела и Парагвај со гол-разлика 23:2.
Бразил дојде во водство со голот на Пеле во 18. минута, но Роберто Бонинсења израмни по грешка на одбраната на Бразилците. Во второто полувреме беше најзабележлив судирот на двете фудбалски филозофии – дефанзивното „катеначо“ на Италијанците и напаѓачкиот фудбал на „Селесао“.
Жерсон го постигна вториот гол за Бразил, пред да од слободен удар да го намести голот на Пеле за 3:1. Пеле својот последен меч на Светските првенства го круниса со одвлекување на италијанската одбрана во центарот и додавајќи му на капитенот Карлос Алберто за еден од најубавите голови во историјата на Светските првенства.
Пеле стана првиот, и засега единствениот трикратен светски шампион.