Рускиот пратеник, Дмитриј Свишчев го повика Роман Абрамович да формира фудбалски суперклуб во неговата татковина, на исто ниво со Челси, откако британската влада го санкционираше милијардерот и практично му го одзеде клубот, кој е актуелен европски шампион.
По 19 години раст во клубот, Абрамович беше „истуркан“ да си замине од Челси со петок како последен датум за пријавување на понуди за продажба, од кои Русинот нема да смее да добие ниту пени. Свишчев вели дека ова треба да биде предизвик за Абрамович.
„Британските власти почнаа со казни не само за руските граѓани, туку и за сопствените. Како можеш да забраниш да се навива за својот клуб и за личноста која го крена Челси од дното? Абрамович инвестираше толку време и пари во британскиот клуб и штета што не се почитува неговата работа. Од друга страна, имаме човек со искуство како тоа на Абрамович за да се фокусира на рускиот фудбал и да креира клуб од највисоко ниво тука во Русија. Сега е вистински момент за тоа“, вели Свишчев.
Ова доаѓа во исто време со шпекулациите дека Абрамович е заинтересиран да го купи ЦСКА Москва, клуб за кој секогаш бил поврзуван. УЕФА претходно истражуваше дали тој е сопственик на „Армејците“, но истрагата не најде докази. Во 2017, синот на Абрамович, Аркадиј наводно понудил 250 милиони евра за шесткратниот руски шампион, но до зделка не дојде.