Кога се зборува за фаворитите за титулата во англиската Премиер лига, сите сметаат на Ливерпул, Манчестер сити, или Челси, но јасно е дека и Тотенхем е тим на кој мора да се смета откако на „Гудисон парк“ го „уништија“ Евертон со неверојатни 6:2!
Иронично, Евертон први дојдоа во водство, преку поранешниот фудбалер на Арсенал, Тео Волкот во 21. минута од мечот, пред Спарси да се разбудат – Сон Хеунг-Мин во 27. минута го искористи киксот на Џордан Пикфорд за да израмни, Деле Али за осум минути ги донесе Тотенхем во водство, пред Хери Кејн во 42. минута да зголеми на 1:3.
Кристијан Ериксен го започна второто полувреме со фантастичен гол во 48. минута, но Гилфи Сигурдсон во 51. минута најави дека мечот не е завршен, и на крајот се покажа дека тоа е вистина – Сон во 61. минута и Кејн во 67. минута ја зголемија мизеријата за „карамелите“.
Со победата, Тотенхем остана на третото место на табелата, со шест поени помалку од лидерот Ливерпул, но само два поени зад второпласираниот Манчестер сити. Евертон е 11. со 24 поени.