Top Sport

Просинечки не прости – без Врањеш во репрезентацијата на БиХ поради четничката тетоважа

Селекторот на Босна и Херцеговина, Роберт Просинечки потврди дека во репрезентацијата веќе ќе нема место за дефанзивецот на Андерлехт, Огњен Врањеш поради низата скандали од четничката тетоважа на ногата до секс-скандалот со Јелена Карлеуша.

„Тој сам себе се исфрли од репрезентацијата. Секој репрезентативец на светот, вклучувајќи ги тие на Босна и Херцеговина мора да се докажува на теренот и надвор од него. Жал ми е, но така е. И фудбалскиот сојуз реагираше. Врањеш влезе во конфликт со навивачите, тука беше тетоважата, аферите. Така тоа не оди. Сите мораме да бидеме подредени на репрезентацијата и државата и пласманот на Европско првенство. Такви проблеми не се потребни“, вели Просинечки.

Во 2015 година, Врањеш на раката ги истетовира границите на Република Српска, за што потоа се извини и ја покри тетоважата, но влезе во конфликт со навивачите на БиХ. Во септември 2018 година беше осуден на 8 месеци условна казна за предизвикување на навивачко насилство додека беше во АЕК Атина, а истата година беше забележана и неговата тетоважа на четничкиот војвода Момчило Ѓујиќ на десната рака, носејќи нови конфликти. Минатиот месец пак, тој повторно беше во центар на скандал по наводната афера со српската пејачка Карлеуша, која пак е мажена со фудбалерот Душко Тошиќ. На Просинечки му е доста.

„Да, ќе имаме проблем поради неговото отсуство, бидејќи играше многу добро во последниот период. Ќе мораме да најдеме нов десен бек“, додава Просинечки.

Scroll to Top