Раководните луѓе на францускиот првак Пари Сен Жермен денеска ќе имаат состанок во Милано со претставниците на Интер, на кој се очекува да упатат нова и подобрена понуда за ангажман на Милан Шкриниар, пренесува „Газета дело спорт“. Претходно ова лето, двете страни беа во многу интензивни преговори, но „нероаѕурите“ одбија две понуди за дефанзивецот, по што разговорите заглавија.
Парижаните се подготвени да понудат 60 милиони евра и уште 5 милиони во вид на бонуси. Сепак, челниците на Интер речиси сигурно ќе ја одбијат и оваа понуда. Тие не беа подготвени да се разделат со Шкриниар за сума од 70 милиони евра на почетокот на летото, а на само две недели до крајот на преодниот рок, би разгледале само понуди меѓу 80 милиони и 90 милиони евра.
Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, исто така, не сака да се раздели со еден од неговите најдобри дефанзивци.