Top Sport

Работнички и Шкупи на пресметка во Маџари

Работнички и Шкупи на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари денеска го играат последниот меч од првото коло од новата сезона во Првата фудбалска лига.

Тренерот Милан Илиевски вели дека тимот е подготвен за првенствениот старт и очекува тежок и неизвесен натпревар против Шкупи.

„Имаме максимален респект за Шкупи, тие се во натпреварувачки ритам, а ние допрва ќе фаќаме залет. Мислам дека одработивме одлични подготовки, игравме против силни екипи и тоа требаше да биде вистинска увертира за првенствените предизвици што нѐ очекуваат. Верувам дека ќе се претставиме во добро издание и очекувам тежок и неизвесен натпревар. Кога ќе почне првенството, тогаш секако дека бодовите се најважни, а ние ќе сториме сѐ да стигнеме до позитивен резултат на стартот“, вели шефот на стручниот штаб на Работнички, Милан Илиевски.

Во пресрет на мечот со „романтичарите“, напаѓачот на Шјупи, Арби Воша, е оптимист.

„Секој старт на сезона е важен. Многу е битно да тргнеме позитивно. Како тим сме максимално подготвени, иако веќе имавме европски предизвици. Подготвени сме да дадеме максимум на сите натпревари. Имавме доволно време да се одмориме и да се подготвиме за денешниот меч со Работнички. Веруваме во победа и сакаме да си заминеме со трите бода“, изјави Воша.

Мечот меѓу Работнички и Шкупи е закажан за 17 часот на стадионот „Борис Трајковски“, а главен судија ќе биде Александар Ставрев од Скопје.

Scroll to Top