Рајо Валјекано во драматична пресметка со 4:2 го победи тимот на Селта Виго за да се крене од претпоследното место на табелата со трет триумф во низа. Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски прими два гола, но на крајот клубот од мадридското предградие си заработи трите поени.
Најзаслужен за победата е Раул де Томас, откако Шпанецот постигна хет-трик. Де Томас бргу ги донесе Рајо во водство уште во четвртата минута од мечот со прекрасен гол од слободен удар, меѓутоа веќе потоа за пет минути, Селта направи целосен пресврт.
Прво во 13. минута топката со многу среќа дојде до Нараухо, и Димитриевски беше немоќен на голот, а потоа во 18. минута беше досуден пенал за гостите по сомнително играње со рака, кој Гомез го реализираше за 1:2 водство. Но, до крајот на полувремето, домаќините успеаја да израмнат, по една брза акција на Де Томас, кој беше стрелец и во 77. минута за комплетен пресврт. Бебе во 92. минута стави печат на победата, само петта оваа сезона за Рајо.
Рајо Валјекано уште се во зоната за испаѓање на 17. место со 19 поени, но пред нив се уште две екипи со ист број на поени (Атлетик Билбао и Леганес), а блиску е и Селта на 14. место.
Фото: ЕПА