Top Sport

Реал го има Винисиус! Тинејџерот го сруши рекордот на Меси и славеше како Роналдо! (видео)

Реал Мадрид стигна до 2:0 победа во „Ел класико“ против Барселона, за да го преземе првото место на табелата во Ла лига од Каталонците, благодарение на бразилскиот тинејџер Винисиус Жуниор, кој пак, стана најмладиот стралец во едно големо дерби токму по Лео Меси.

19-годишниот Винисиус блесна пред 78 илјади гледачи на „Бернабеу“, меѓу кои беше и Кристијано Роналдо по откажувањето на италијанското дерби Јувентус-Интер, и Бразилецот во негова чест прослави со славното „Сиуу“.

Првото полувреме почна со иницијатива на Барселона, која имаше речиси 60 отсто од поседот на топката во првите 45 минути, и само благодарение на двете одлични одбрани на Тибо Куртоа, на обидите на Артур и на Меси, немаше гол. Сепак, и Реал имаа свои шанси, посебно во контранападот, посебно преку Бензема.

Почетокот на второто полувреме, пак, му припадна на тимот на Зинедин Зидан. Во 52. минута, Иско упати фантастичен удар од 25 метри, кој беше спасен благодарение на одличната интервенција на Тер Штеген. Во 62. минута, повторно Иско, овојпат со глава им задава главоболки на Каталонците, а овојпат успешно итнервенира Жерард Пике. Само две минути подоцна, Карвахал убаво го најде Бензема, но неговиот удар беше непрецизен.

Иницијативата вроди со плод во 71. минута, кога Тони Крос успеа да најде „дупка“ во одбраната на Каталонците, а Винисиус Жуниор со прекрасен удар го матираше Тер Штеген. Со 19 години и 233 дена, тој го сруши рекордот на Меси, кој во март 2007 година беше стрелец кога имаше 19 години и 259 дена!

Кике Сетиен се обиде да внесе свежина во играта на својот тим со влегувањето во игра на Ракитиќ и Фати, но во 84. минута тие имаа среќа што Винисиус не го постигна и својот втор гол.

Во 90-тата минута од мечот, Зинедин Зидан реши да го внесе во игра честопати критикуваниот Маријано, кој одговори со брз гол за да нема дилеми кој е подобриот во ова издание на „Ел класико“. Претходните три мечеви на „Бернабеу“ меѓу двата ривали ги добиваше Барселона.

По 26. кола, „кралевите“ се први со 56 поени, еден повеќе од Барселона, најавувајќи интересен финиш на сезоната.

Scroll to Top