Велшанецот Арон Ремзи ќе стане најплатениот британски фудбалер во историјата, откако „Би-би-си“ ги објави деталите на неговиот четиригодишен договор со Јувентус.
Според „Би-би-си“, Ремзи поминал медицински тестови во јануари и во понеделникот го потпишал договорот со кој ќе заработува апсолутно неверојатни 400.000 фунти (456.000 евра). Со ова тој ќе го надмине својот колега од репрезентацијата, Герет Бејл.
28-годишниот фудбалер на Арсенал ќе стане член на „старата дама“ на 1 јули, кога ќе му истече договорот со „топчиите“.
Сепак, италијанскиот фудбалски новинар Габриеле Маркоти смета дека сумата од 400.000 фунти е пред да се плати данокот, што значи дека тој ќе добива околу 7.5 милиони евра по сезона, или 250.000 фунти неделно.
Самиот Ремзи се јави со порака до навивачите на Арсенал, велејќи дека си заминува со „тешко срце“ по 11 години во лондонскиот клуб.
„Вие ми посакавте добредојде како тинејџер и бев со вас низ добрите и лошите моменти. Со тешко срце заминувам по 11 неверојатни години во северен Лондон. Ви благодарам“, напиша Ремзи.
Договорот го потврдија и од Јувентус, кои сепак, не објавија колку ќе изнесува платата на Велшанецот.
Ufficiale | @aaronramsey , bianconero in estate! #SeeYouAaron ➡ https://t.co/coENzNTLRC pic.twitter.com/TR8VbjEFMo
— JuventusFC (@juventusfc) February 11, 2019
Фото: ЕПА