Top Sport

Ричков: Посакуваме победи против Ерменија и против Малта

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година денеска го одработи последниот тренинг пред утрешниот прв контролен натпревар против соодветната селекција на Ерменија. Дуелот ќе биде одигран на тренинг центарот „Петар Милошевски”, во Скопје со почеток од 17 часот.

Бекот на Шкупи и еден од најперспективните млади играчи во Македонија, Марио Ричков, даде свој коментар и анализа за претстојните обврски и предизвици на младата репрезентацијата до 21 година.

„Очекувам да се прикажеме во добро светло на последните два контролни натпревари против Ерменија и Малта и да оствариме позитивен резултат. Оваа селекција покажа голем квалитет и желба за победа на меѓународниот турнир што го одигравме во Анталија, Турција. Одигравме одлично против Словачка и Финска, докажавме дека можеме да се надигруваме со две многу квалитетни репрезентации. Доколку одиграме сите заедно како тим, во ист ритам, со голема желба и пожртвуваност, верувам дека ќе дојдеме до позитивен резултат на мечевите со Ерменија и Малта, а тоа е победа“, изјави Марио Ричков.

Младата репрезентација на Македонија, по утрешниот меч со Ерменија, ја очекува уште еден контролен дуел со селекцијата на Малта на 20. јуни.

Scroll to Top