Top Sport

Роналдо: Како дете сонував дека играм за Јувентус

Кристијано Роналдо вели дека како дете сонувал да игра за Јувентус, дека се чувствувал „неверојатно“ по овациите кои лани ги доби во Торино и посочи дека веќе ужива во семејната атмосфера.

Португалската ѕвезда на преодниот рок во ексклузивно интервју за „Јувентус ТВ“ зборуваше за трансферот од Реал за 100 милиони евра (плус бонуси) и почетокот со „старата дама“.

„Се чувствувам фантастично. Сѐ е добро, луѓето околу стадионот, фановите, луѓето во тренинг-центарот. Среќен сум што сум тука. Зошто го избрав Јувентус? Прво бидејќи е голем клуб. Кога бев дете го гледав Јувентус и си велев еден ден ќе бидам таму. Сега сум во овој фантастичен клуб. Немаше прецизен момент кога одлучив да дојдам. Неколку пати играв против Јуве во кариерата и имав чувство дека италијанските фанови го сакаат Кристијано. Одлуката беше многу лесна“, вели Роналдо.

Минатата сезона, кога Реал Мадрид победи со 3:0 во првиот меч од четврт-финалето на Лигата на шампиони, Роналдо постигна еден од најубавите голови во историјата на ЛШ, и доби аплаузи од ривалските навивачи.

„Неверојатно, такво нешто не ми се случило никогаш. Во ЛШ против Јуве, постигнуваш гол и гледаш како сите ти аплаудираат. Чувството беше магично. Бев изненаден, и оттогаш уште повеќе ги засакав навивачите. Не би кажал дека тоа беше клучниот момент, но такви детали помагаат. Убаво е да видиш дека навивачите те ценат. Сакам да бидам во добра форма, да помогнам на клубот и да освојувам титули“, додава Португалецот.

33-годишниот Роналдо по настапите во Премиер лигата и Ла лига, ќе има шанси да го вкуси и италијанскиот фудбал.

„Ја знам лигата, бидејќи ја следев на ТВ, но немам играно тука. Се надевам на брза адаптација. Професионален фудбалер сум 15-16 години, така што методот е ист. Ова е нова авантура, но работната етика останува иста“, завршува Роналдо.

Scroll to Top