Репрезентацијата на Бразил сѐ уште не може да се помири со поразот од Хрватска на Светското првенство во Катар. Бразилците беа уверени дека ќе играат во финалето в недела, но беа спречени од Хрватите, кои на крајот ќе играат во мечот за третото место.
По елиминацијата Нејмар објави дека се чувствува лошо и дека бил парализиран десет минути по поразот од Хрватска.
Брзо доби поддршка од легендарниот Роналдо Луис Назарио да Лима, кој му испрати порака и совет.
„Би го советувал да побара помош од психолог за да го издржи овој притисок. Тоа е опасно за секој маж. Нејмар ќе се врати со истата страст и желба. Сепак, треба да се грижиме за менталното здравје на нашите играчи “, изјави Роналдо.
Јасно е дека Роналдо сакаше да му даде поддршка на Нејмар, кој плачеше како мало дете по мечот, но можеби тоа не го сфаќа како совет.
„Психички сум уништен. Тоа секако беше поради поразот кој многу ме повреди. Бев парализиран десет минути и веднаш по натпреварот паднав во континуиран плач. Долго ќе боли, за жал. Се боревме до крај. Но, сепак, се гордеам со моите соиграчи, бидејќи не недостасуваше труд и посветеност. Оваа група го заслужи тоа, Бразил го заслужи тоа“, напиша Нејмар ден по натпреварот и додаде.
„Но, тоа не беше Божја волја. Вредеше секоја жртва за да се почувствува сплотеноста на сите на теренот. Благодарност до сите што ја поддржаа репрезентацијата. За жал, тоа не ни донесе трофеј. Ќе боли долго, долго. Ти благодарам за сѐ, Боже мој, дадовме сè, па не можам да се каам. Само ти благодарам што се грижиш за мене“, истакна Нејмар.
По натпреварот, најдобриот бразилски фудбалер во моментов призна дека можеби нема повторно да го облече репрезентативниот дрес.