Top Sport

Роналдо: Пред Португалија се тешки битки за Мундијал

Кристијано Роналдо во интервју за „ЕСПН Бразил“, признава дека целта да настапи на уште едно Светско првенство, тоа во Катар на крајот на 2022 се наоѓа пред „тешки предизвици“ во двата бараж мечеви кои ги очекуваат.

Португалија не успеа да го освои првото место во својата група по поразот од Србија во последниот меч, и сега во март ќе игра прво со Турција во полуфиналето на баражот, пред во одлучувачкиот меч да игра со подобриот од мечот помеѓу Италија и Македонија.

„Ќе биде тажно ако не ја оствариме целта и играме на Светското првенство. Во фудбалот и животот поминуваме низ тешки моменти, но најважно е да се вратиме бргу на нозе. Не очекуваат тешки битки. Прво против Турција, а ако победиме, тогаш мислам дека ќе одиме на Италија. Ќе видиме. Ќе бидеме подготвени. Тоа е животот, не постојат совршени сценарија“, вели Роналдо.

Португалецот, кој има 14 гола во 21 меч по враќањето во Манчестер јунајтед, нема пропуштено големо натпреварување по дебито за Португалија во 2003. Тој играше на четири Светски првенства и пет Европски првенства.

Scroll to Top