Top Sport

Роналдо прво го „нокаутираше“ Кедира, потоа го суреди и Сасуоло (видео)

Јувентус ја забележа 20-тата победа во 23. коло од италијанската Серија А, откако триумфираше со 0:3 на гостувањето кај Сасуоло во режија на Сами Кедира и Кристијано Роналдо.

Првиот гол на мечот „падна“ во 23. минута, кога по еден силен удар на Роналдо, одбиената топка ја зафати Сами Кедира, кој донесе водство за „бјанконерите“. Роналдо и Кедира повторно беа во „игра“, кога Португалецот упати еден силен удар во лицето на Германецот.

Вториот гол беше дело на Роналдо, кој беше највисок во скокот при корнерот на Миралем Пјаниќ во 70. минута од мечот. Ова е фантастичен гол број 18 за Португалецот по трансферот во Серија А. Конечните 0:3 беа поставени во 86. минута, повторно на „иницијатива“ на Роналдо, откако му додаде на Емре Џан, кој постигна прекрасен гол во спротивниот агол.

Јувентус е лидер во Серија А со 63 поени, дури 11 повеќе од Наполи, кои вчера одиграа само 0:0 со Фиорентина. Сасуоло е на 11. место со 30 поени.

Scroll to Top