Top Sport

Роналдо со гол од пенал ги спаси Јуве од пораз кај Милан (видео)

Анте Ребиќ го постигна својот петти гол во шест меча во 2020 година за водство на Милан, но тоа беше недоволно – Јувентус успеа да израмни на 1:1 со гол на Кристијано Роналдо од пенал во 91. минута за да има мала предност пред вториот меч од полуфиналето во Копа Италија во Торино, каде што „росонерите“ ќе се без суспендираните Златан Ибрахимовиќ и Тео Ернандез. Во второто полуфинале, вчера во првиот меч Наполи со 1:0 на гости го совлада Интер.

Милан имаше одличен (и агресивен) старт на мечот, со одлични шанси за Френк Кеси, Анте Ребиќ и за Златан Ибрахимовиќ, а иако Јуве имаше повеќе од поседот на топката, тие немаа посериозни шанси пред голот на домаќините.

Ибрахимовиќ доби жолт картон за ударот со лакт над Матијс де Лихт и нема да биде достапен за реваншот во Торино, а Јуве најсериозната шанса ја имаше во 36. минута кога Донарума го скрати нафрлувањето на Квадрадо кое одеше кон Пауло Дибала.

Домашниот тим дојде во водство во 61. минута, кога Кастилехо убаво нафрли, а Ребиќ со глава успеа, конечно, да го совлада Буфон. Само десет минути подоцна, Милан остана со 10 играчи, откако Тео Ернандез доби втор жолт картон, а „казната“ стигна во финишот на мечот, кога играта со рака на Давиде Калабрија по проценката на ВАР беше доволна за пенал, кој сигурно го изведе Кристијано Роналдо за неверојатен 11. гол во последните седум меча за Португалецот.

Scroll to Top