Top Sport

Руни: Ќе се заклучев дома сам, и пиев два дена

Вејн Руни отворено проговори за притисокот кој го чувствувал на почетокот на својата кариера во Манчестер јунајтед, признавајќи дека се предавал на алкохолот со денови.

Англиската фудбалска легенда зборуваше пред објавувањето на „Руни“, документарен филм за неговиот живот кој ќе биде објавен на „Амазон прајм“ в петок. 36-годишниот Руни, кој сега е менаџер на Дерби каунти, признава дека притисокот бил преголем откако стана ѕвезда на 18 години со трансферот во Манчестер јунајтед од Евертон.

„Направив многу грешки кога бев помлад, дел во печатот и дел во приватниот живот. Да се справам со работите кои беа пишувани во медиумите, со менаџерот, со семејниот живот… Тоа беше многу тешко. На почетокот во Манчестер јунајтед, најверојатно додека не го добив првиот син, Каи, ќе се заклучев сам дома, не излегував никаде, и само пиев за да заборавам. Тоа ми помагаше да ги заборавам работите“, открива Руни.

Тој додава дека како минувале годините, успеал да ја контролира лутината и алкохолот.

„Кога растев бев постојано лут и агресивен. Тоа беше очигледно и во фудбалот. Беше јасно дека имав проблеми кои не можев да ги решам, и за среќа тоа го имам под контрола. Сега имам друга врскаа со алкохолот и немам проблеми како во минатото“, додава Руни.

Scroll to Top