Top Sport

Руни: Мој соиграч живее во социјален стан, намалувањето на платата ќе го „утепа“

Поранешниот англиски капитен Вејн Руни го нападна министерот за здравство на Велика Британија, Мет Хенкок кој посочи дека фудбалерите од Премиер лигата треба да добијат скратување на платата, велејќи дека еден негов соиграч од Дерби каунти живее во социјален стан со неговата мајка.

Хенкок и дел од британската јавност сметаат дека фудбалските ѕвезди мораат да прифатат барем 30 отсто помала плата, по што според британските медиуми дел од фудбалерите ветија дека ќе дадат директна помош на здравствениот систем наместо да ги богатат своите газди милијардери.

Руни, кој е легенда на Манчестер јунајтед, во интервју за „Тајмс“ вели дека е срамотен притисокот кој се прави на фудбалерите.

„Јас сум подготвен да добијам намалување на платата или директно да ги помогнам здравствените работници, но јас не сум секој фудбалер. Имам 34 години, имав долга кариера и добро заработував и можам да се откажам од нешто. Но, сите фудбалери не се такви. Зошто фудбалерите да бидат жртвени јагниња. Ова е срамота што се прави, а министерот за здравство мисли на фудбалерите.  Лично, немам проблем да дадам и повеќе, но некои не смеат да си дозволат ниту 5 отсто помала плата“, вели Руни.

Тој посочи на негов млад соиграч од Дерби, кој дефинитивно не може да си дозволи помала плата.

„Имаме еден фудбалер кој живее со својата мајка во социјален стан, кој сигурно ги плаќа сметките на своето семејство. Тој е фудбалер кој се соочува со истите прилики како и обичните луѓе. Млад е и немаше време да заработи многу. Што правиме со него? 30 отсто од 2.000 фунти кои ги добива ќе го чини 600 фунти и тоа може да биде клучно. Фудбалерите имаат кратика кариера и мораат да штедат бидејќи некои на 35 години се пензионираат“, објаснува Руни.

Scroll to Top