Фудбалерот Емилијано Сала и неговиот пилот Дејвид Иботсон биле изложени на фатално ниво на јаглерод моноксид пред нивниот авион да падне во Ла Манш на 21 јануари, објави Британското биро за воздушни несреќи (ААИБ).
Телото на 28-годишниот Сала, кој патуваше од Франција за Кардиф, каде што требаше да се приклучи на својот нов тим, беше пронајдено неколку недели по несреќата, додека телото на пилотот никогаш не беше најдено.
Токсиколошките тестови на телото на Сала покажале високо ниво на јаглерод моноксид, кое може да предизвика мозочен удар, срцев напад или бесознание.
„Симптомите при мала изложеност на јаглерод моноксид се вртоглавица и нестабилност, но кога нивото ќе се зголеми, може лесно да дојде до смрт. Ова за нас е доказ дека треба да се испита техничката подготвеност на авионот“, вели Герант Херберт, шефот за воздушни несреќи на ААИБ.