Русија и Мундијалот, сепак, не беа среќно место за Мохамед Салах, иако тој ги постигна двата гола за неговата репрезентација.
Салах пристигна на СП со големи сомнежи околу неговата физичка подготвеност по повредата на рамото во дуел со Серхио Рамос во финалето на Лигата на шампионите, кога Реал Мадрид ги совлада Ливерпул.
Тој не беше во составот при 1:0 поразот од Уругвај, пред да даде гол од пенал во 3:1 поразот од Русија, за на крај мизеријата на африканскиот тим да се зголеми во дуелот со Саудиска Арабија, каде што тие стигнаа до рано водство преку одличниот гол на напаѓачот на Ливерпул, пред азискиот тим да се врати за 2:1 победа во 90-тата минута.
Шпекулациите велеа дека последниот пораз предизвикал караница во соблекувалната по крајот на мечот, но Салах вети дека ќе се врати на Мундијалите и се извини на навивачите на Египет за големото разочарување.
„Сакам да се извинам на сите египетски фанови кои дојдоа да не поддржат на овие три меча, бидејќи знам дека е тешко за нив. Сакам да кажам дека стигнавме на Мундијал по 28 години, а некои фудбалери немаа доволно искуство. Но, благодарение на нив ќе се вратиме посилни во 2022 година“, изјави Салах.
Ова беше прво СП за „фараоните“ од 1990 година, и само трет Мундијал по тој во далечната 1934 година. Египет уште нема победа на голема сцена со 2 ремија и 5 порази.
Селекторот Ектор Купер ги отфрли шпекулациите дека Салах се откажува од египетскиот дрес по поразот од арапските ривали, но не знаеше зошто тој не се појави на прес-конференцијата.
„Не знам зошто Салах не е тука. Тој беше со докторот по мечот. Проблеми во тимот? Не знам што мислите, но јас не видов никакви проблеми. Не верувам дека Салах ќе се повлече, бидејќи е чест да се биде на Светско првенство“, изјави Купер.
Фото: ЕПА
Уругвајците ги вратија Русите во реалноста, Саудијците со шок за Салах и Египет (видео)