Италијанскиот калчолигаш Салернитана влезе во лавиринт и сега сака да го врати на клупата тренерот Давиде Никола кого пред два дена официјално го отпушти. Тој доби отказ по серијата лоши резултати, но медиумите во Италија денеска пишуваат дека дошло до неочекуван пресврт.
Викендов тимот доживеа дебакл во Бергамо губејќи од Аталанта со 8:2, а по ова клубот во понеделникот објави дека Давиде Никола веќе не е тренер на Салернитана.
Во Салерно напорно работат да најдат нов тренер и разговарале со неколку кандидати, но не се согласиле со тоа што им го понудила Салернитана.
„Газете дело Спорт“ денеска објави дека клубот жали што го отпуштил Давиде Никола бидејќи не очекувале дека ќе биде толку тешко да се најде замена за него и се подготвени повторно да разговараат со него за повторно да го води тимот.