Top Sport

Саша Илиќ е нов тренер на голманите во А-селекцијата на Македонија

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, му се заблагодари на Никола Глигоров за неговиот досегашен ангажман во стручниот штаб на нашиот најдобар национален состав. Саша Илиќ, поранешниот репрезентативен голман на македонската А селекција е нов член во стручниот штаб на најдобриот национален состав.

Поранешниот голман на Вардар и интернационалец во Партизан, Пусан Даеву од Кореа, германски Хамбургер, Динамо Санкт Петербург од Русија и иранските Естегал, Пеган и Пирози ќе биде вклучен во стручниот штаб на селекторот Благоја Милевски како тренер на голманите во А репрезентацијата на Македонија.

Илиќ до лани беше дел од стручниот штаб на Вардар, а последниот клупски ангажман го имаше во кинески Шенжен.

„Благодарност за укажаната доверба. Имам мотив и доволно искуство преку работа во репрезентацијата да придонесам за напредок на тимот. Целосно ги разбирам предизвиците со кои се соочуваме во овие чувствителни моменти и подготвен сум да помогнам. Ги познавам голманите во тимот, имаме квалитет, а наша заедничка цел е да бидат подобри и постојани во настапите“, изјави Саша Илиќ.

Истовремено, селекторот Благоја Милевски му се заблагодари на Никола Глигоров за неговиот придонес во стручниот штаб на А репрезентацијата. Поранешниот репрезентативец и капитен на Вардар во националниот состав беше вклучен како асистент задолжен пред сѐ за видео анализа на натпреварите.

„Улогата на асистент во стручниот штаб ја извршував со многу гордост, амбиција и оптимизам. Впрочем, како што тоа го правев и во годините кога настапував и како фудбалер. Му благодарам на селекторот Милевски за довербата. На сите во тимот им посакувам многу среќа и успех. Од мене секогаш ќе имаат максимална поддршка за да ги постигнат резултатите кои сите ги посакуваме“, изјави Никола Глигоров.

Scroll to Top