Барселона го освои необичниот шпански Суперкуп, победувајќи ја Севилја со 2:1 на „неутрален“ терен во Тангер, Мароко, откако андалузискиот клуб пропушти златна шанса и утна пенал во судиското продолжение.

Севилја дојде прва во водство уште во 9. минута, кога по одличниот продор на Муриел, Сарабија го совлада Тер Штеген. Барса израмни во 42. минута преку Жерард Пике кој налета на одбиената топка по фантастичниот слободен удар на Лео Меси, а водството го доби во 79. минута преку Французинот Усман Дембеле, кој постигна прекрасен гол од дваесетина метри.

Меѓутоа, мечот можеше да има поинаква завршница доколку Видам Бен Једер не изведеше „пацерски“ пенал во 93. минута.

За разлика од вообичаениот формат на шпанскиот суперкуп, кој се игра во два натпревари, овојпат Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) поради обврските на Севилја во европските купови, реши да има само еден натпревар и тоа во Мароко.

Со оваа титула, Лионел Меси стана најтрофејниот фудбалер во историјата на Каталонците, поминувајќи го легендарниот Андрес Иниеста. Меси во кариерата има освоено неверојатни 33 трофеи со Барселона – 9 од Ла лига, 8 од суперкупот на Шпанија, 6 од Копа дел реј, 4 од Лигата на шампионите, 3 од Светските клупски првенства и 3 од европскиот суперкуп.