Рафаел Надал стави крај на неверојатната серија на Стефанос Циципас, победувајќи го со 6:2/7:6(4) за четврта титула од Роџерс купот во Торонто, и тоа иронично на 20-тиот роденден на Циципас, кој претходно ги „смачка“ Доминик Тим, Новак Ѓоковиќ, Александер Зверев и Кевин Андерсон на турнирот.

Ова беше прв настап на Надал на турнирот во Канада од 2010 година, но тоа не му пречеше да стигне до 40. победа во 43 меча оваа година и до 33. Мастерс 1000 титула. Шпанецот исто така е само четвртиот тенисер во Опен ерата со 80 АТП титули по Џими Конорс, Иван Лендл и Роџер Федерер и прв со пет титули во 2018 година.

Циципас даде силен отпор во вториот сет, враќајќи се од брејк негатива за да примора тај-брејк, но на крајот Шпанецот беше непобедлив. За Гркот ова останува најдобрата недела во неговата кариера и тој е најмладиот финалист на Мастерс 1000 турнир по Новак Ѓоковиќ во Мајами во 2007 година.