Top Sport

Шпанија и Бразил ќе одиграат пријателски натпревар во борба против расизмот

Фудбалските репрезентации на Шпанија и Бразил ќе одиграат пријателски натпревар во март 2024 година за поддршка на борбата против расизмот, соопшти денеска Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ).

Федерациите на двете земји постигнаа договор да одиграат пријателски натпревар во март 2024 година што ќе послужи како поддршка против насилството во фудбалот, објави РФЕФ. Соопштението доаѓа две недели откако младиот напаѓач на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, беше расистички навредуван во Валенсија, што предизвика бран поддршка ширум светот и серија од седум апсења во Шпанија.

Претседателот на РФЕФ, Луис Рубијалес, и неговиот бразилски колега Едналдо Родригез веруваат дека „ова е одлична можност да се зајакнат блиските врски“ што ги обединуваат двете земји и „едногласно да се отфрли насилството во фудбалот“.

Тоа ќе биде десетта средба меѓу Шпанија и Бразил, кои не се сретнале на официјален натпревар од финалето на Купот на Конфедерации во 2013 година.

На претходните девет натпревари Бразил победи петпати, а Шпанија забележа две победи.

Scroll to Top