Шпанското обвинителство ги повлече сите обвиненија за корупција и измама против бразилскиот фудбалер Нејмар, на судењето што се одржува во Барселона поради наводна злоупотреба при неговиот трансфер од Сантос во Барселона во 2013 година.
Обвинителот најави „повлекување на обвиненијата за сите обвинети и за сите предмети“. Обвинителството првично бараше две години затвор и парична казна од 10 милиони евра за напаѓачот на Пари Сен Жермен.
Во овој случај, покрај 30. годишниот фудбалер, обвинети се и неговите родители, двајцата поранешни претседатели на Барселона, Сандро Росел и Хосеп Марија Бартомеу, како и поранешниот претседател на Сантос, Одилио Родригез Фиљо.
Постапката беше покрената во 2015 година од бразилската инвестициска компанија ДИС, која беше носител на 40 отсто од правата на Нејмар.
Сантос за трансферот добил 17,1 милиони евра, а на таа компанија и биле исплатени 6,8 милиони евра. Тие го започнаа правниот процес со тврдењето дека Барселона, Нејмар и Сантос се договориле да ја прикријат вистинската сума на трансферот.
Барселона го процени трансферот на бразилскиот играч на вкупно 57,1 милиони евра. Нејмар се пресели од Барселона во ПСЖ во 2017 година, за рекордна сума од 222 милиони евра.