Top Sport

Симеоне и Клоп се испофалија меѓу себе

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп вели дека гостувањето на „Ванда метрополитано“ кај Атлетико Мадрид на Чоло Симеоне е еден од најголемите предизвици во светот на фудбалот, додека Симеоне врати дека „црвените“ ќе останат запаметени како „еден од историски големите“ тимови пред дуелот на двете екипи во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Ливерпул, по фантастичната форма во Премиер лигата и како актуелни шампиони, се фаворити против Атлетико, кој оваа сезона игра нестабилно во Ла лига и има опасност да не обезбеди место во ЛШ следната сеона. Сепак, Клоп вели дека неговиот тим мора да игра најдобро што знае ако сака позитивен резултат во Мадрид.

„Ова е еден од најтешките мечеви во животот на еден фудбалер. Тие се многу добар тим, навистина добро подмачкана машина која е научена да извлекува резултати. Да, сега се во период на транзиција, но секогаш се борат до последното. Имаат брзина, агресија и јасна филозофија на игра. Да, сега сме во земјата на тики-така, но јас навистина го почитувам овој стил на фудбал. Ако некаде мора да бидеш најдобриот што можеш за да победиш, тоа е кај Атлетико“, изјави Клоп на прес-конференцијата пред мечот.

Симеоне, малку подоцна ги врати комплиментите.

„Се сеќавам на Борусија Дортмунд на Клоп, кои беа многу сличен тим со Ливерпул. Ја имаат истата конкурентност, но сега со овие фудбалери играат поинаку. Секогаш сум велел дека има големи тимови во одреден период во историјата, и овој тим на Ливерпул ќе влезе во историјата. Ми се допаѓаат бидејќи се директни, но можат да го сменат начинот на игра веднаш“, изјави Симеоне.

Scroll to Top