Top Sport

Сисе ја прекина пензијата – ќе игра во четврта лига во САД

Прославениот француски фудбалски напаѓач, Џибрил Сисе по двегодишна пауза од фудбалот, одлучи да ја прекине пензијата и да се активира на фудбалскиот терен.

Екс-голгетерот на Ливерпул кариерата ја заврши во 2019 година, а последниот ангажман му беше во швајцарскиот Ивердон-спорт, каде играше една сезона.

Негов нов ангажман по паузата е Панатинаикос, но не познатиот клуб од Атина, туку од Чикаго, клуб кој се натпреварува во четврта лига во САД.

„Зелените“ од Чикаго се основани во 2019 година од страна на татко и син кои се големи навивачи на грчкиот клуб каде своевремено настапуваше Џибрил Сисе.

За потсетување, францускиот интернационалец ги бранеше боите на 12 екипи.

Почна во Оксер, играше во Ливерпул, па Олимпик Марсеј, настапуваше и за Сандерленд по што кариерата ја продолжи во Панатинаикос каде на 61 меч постигна 47 погодоци.

За селекцијата на Франција настапуваше од 2002 до 2011 година, на 41 меч постигна 9 гола за „петлите“.

Scroll to Top