Лацио по седми пат е освојувач на Купот на Италија, откако во финалето на „Олимпико“ во Рим со два доцни гола со 2:0 ја совладаа Аталанта, најпријатното изненадување оваа сезона, која сепак нема да ја прослават со трофеј.
Сергеј Милинковиќ-Савиќ во 82. минута и Хоакин Кореа во 90. минута беа стрелци за „лацијалите“, кои го освојуваат својот прв трофеј од 2013 (исто така во Купот на Италија) и прв трофеј под водство на тренерот Симоне Инзаги.
За Аталанта, клуб кој има реални шанси за пласман во Лигата на шампионите пред великани како Милан и Рома, ова беше пропуштена шанса да се освои само втората титула во историјата, по трофејот од Копа Италија од 1963 година.