Тренерот на Реал Мадрид, Сантијаго Солари, во пресрет на реваншот со Ајакс во Лигата на шампионите, рекол дека не е загрижен за својата иднина во клубот. Последните денови медиумите ја форсираат приказната дека нов тренер ќе биде Жозе Мурињо.
„Реал секогаш имал повеќе додворувачи од Џулија Робертс! Тоа е нормално, а јас не сум загрижен од таквите пишувања“, рекол Солари и проговорил за осмина-финалниот реванш со Ајакс.
„Пишувате за неефикасноста во нападот и тоа го поврзувате со заминувањето на Криситијано Роналдо. Во ред, тој сега не е тука, тој испиша историја во Реал, во витрините се сите негови достигнувања. Момците што останаа се трудат да бидат најдобри во она што го прават. Факт е дека имаме многу нереализирани шанси во последните натпревари. Мораме да ја поправиме ефикасноста“, заклучил Солари.
Реал со предност од 2:1 влегува во реваншот со Ајакс. Дуелот во Мадрид ќе започне во 21 часот.