Top Sport

Стоичков: На Пеп му беше лесно во Барса, Рајкард му го направи тимот

Бугарската фудбалска легенда, Христо Стоичков смета дека неговиот поранешен соиграч Пеп Гвардиола имал „многу лесна работа“ во Барселона, бидејќи тимот веќе бил комплетиран пред тој да дојде на чело на Блауграна.

Гвардиола седна на „жешката“ клупа на „Ноу Камп“ во 2008 по успешните резултати со Б-тимот, заменувајќи го Франк Рајкард, за во првата сезона да освојат тројна титула, со Лионел Меси, Самуел Ето, Чави, Андрес Иниеста и Карлес Пујол во својата најдобра форма. Тој беше фален поради својот револуционерен стил на игра, со „тики-така“ филозофијата на брзи додавања од задниот дел на теренот.

Тој си замина од Каталонија во 2012 со 14 големи трофеи (три титули од Ла лига и две европски титули), но Стоичков вели дека Рајкард е креаторот на еден од најмоќните фудбалски тимови во историјата и смета дека ќе беа постигнати спектакуларни резултати и без него на клупата.

„Барселона веќе беше зготвена. Пеп имаше лесна работа, бидејќи го знаеше младинскиот тим, а неговиот тим го создаде Рајкард. Со или без него ќе имаше спектакуларни резултати. Тука беа Тјери Анри, Деко, Роналдињо, Рафа Маркез, Карлес Пујол и Виктор Валдес. Да, тој имаше неколку фудбалери кои ги пресели од Б-тимот, како Андрес Иниеста и Педро, и му даде повеќе простор на Лионел, и тимот беше комплетиран“, вели Стоичков за „Мирор“.

Од друга страна, Стоичков има многу подобро мислење за ривалот на Гвардиола, Жозе Мурињо, кој иронично почна како помошник во Барса.

„Тој секогаш беше умно момче. Гледаше сè околу себе, од тренинзите, загревањата, до работата која ја правевме ние. Секогаш со ливче и пенкало, секогаш запишуваше нешто“, додава Стоичков.

Scroll to Top