Дванаесет европски клубови, ја шокираа јавноста, со објавата дека формирале ново натпреварување. Реал, Барселона, Атлетико од Шпанија, Интер, Милан и Јувентус од Италија и Арсенал, Челси, Тотенхем, Манчестер јунајтед, Манчестер сити и Ливерпул од Англија се наоѓаат под жестоки медиумски критики, на кои се приклучија актуелни и поранешни фудбалери, фудбалски работници, политичари.
Против 12-клубови се УЕФА, и нивните национални лиги (Ла Лига, Серија А, Премиер лига).
„Дури и доколку се случи да се откажат од Суперлигата, на нејзините основачи ова никогаш не треба да им го заборавиме. Тие засекогаш ќе останат предавници на нашите идеали. Со својот цинизам и алчност тие сакаат да го убијат фудбалот, неговата убавина и историја“, пишува француски „Лекип“.
Навивачката група на Ливерпул, најави дека од „Енфилд“ ќе ги тргне сите знамиња и транспаренти, кои во овој пандемиски период ја прекриваат легендарната Коп трибина. На оградата пред стадионот тие веќе истакнаа транспаренти со кои ја критикуваат одлуката на клубот да се приклучи кон Суперлигата.
„Суперлигата е сè само не е супер. Овој алчен и опасен потег ќе ја уништи суштината на фудбалот, ќе го уништи женскиот фудбал и целата фудбалска заедница и тоа само поради интересите на неколку сопственици, кои долго време не покажуваат интерес за своите навивачи и за сè она што овој спорт претставува. Трагедија“, напишал на Твитер, легендарниот Луис Фиго.
Остри критики од Истанбул испрати и Месут Озил.
„Децата сонуваат дека го освојуваат Светското првенство или Лигата на шампионите, а не некаква Суперлига. Убавината на големите натпревари е во тоа што тие се играат неколку пати во сезоната, а не дека се играат секоја недела. Не можам да го разберам ова“, напишал Озил.
„Ова е навреда за се она во што верувам. Фудбалот е среќа, слобода, страст, навивање. Фудбалот е за сите нас. Овој проект е одвратен, непоштен. Разочаран сум што во него се клубови чии дрес сум носел. Борете се против ова“, рекол поранешниот германски репрезентативец, Лукас Подолски.