Top Sport

Таке Кубо ја предводеше Мајорка до трилер 3:3 реми кај Бетис (видео)

Реал Бетис не успева да победи во петтиот меч во низа во шпанската Ла лига, откако во интересен дуел на „Бенито Вилјамарин“, Мајорка двапати беше во водство и на крајот и покрај двата пенали за домаќинот извлече 3:3 реми и важен поен во борбата за опстанок, предводени од Јапонецот Такефуса Кубо, кој е позајмен во клубот од Балеарските Острови од Реал Мадрид.

18-годишниот Кубо имаше една асистенција и го постигна израмнувачкиот гол во 70-тата минута, за уште една одлична партија во Ла лига, која сигурно побуди интерес и на „Сантијаго Бернабеу“.

Мајорка поведе преку Кучо во 16-тата минута, но само три минути подоцна, Бетис се врати со гол од пенал на Каналес. Кубо одлично го пронајде Анте Будимир во 27. минута за ново водство на Мајорка, но во 35. минута, со нов гол од пенал (овојпат преку Набил Фекир), Бетис отиде на одмор со 2:2. Кога капитенот Хоакин постигна гол за 3:2 за тимот од Севилја во 48. минута, се мислеше дека судбината на Мајорка е запечатена, пред на сцена да стапи Кубо.

Бетис е само на 12. место со 30 поени, додека Мајорка со поенот излегува од зоната за испаѓање и е на 17. место со 22 поени, еден повеќе од Селта Виго на 18. место.

Scroll to Top