Претседателот на шпанската Ла лига, Хавиер Тебас продолжи со војната на зборови со Пари Сен-Жермен и нивниот претседател Насер Ал-Хелаифи, посочувајќи дека се работи за човек со „многу конфликти на интереси“ и објаснувајќи дека ПСЖ ја „убива“ француската лига, а УЕФА не презема ништо.
По одлуката на Килијан Мбапе да остане во Париз, Тебас ги пријави ПСЖ до УЕФА за прекршување на финансискиот ферплеј и сега уште еднаш побара да се преземат активности против францускиот клуб.
„Насер Ал-Хелаифи е претседател на ПСЖ, претседател на Европската асоцијација на клубови (ЕЦА), член на извршниот комитет на УЕФА и претседател на ‘БеИН спортс’, една од најголемите ТВ компании на светот која купува ТВ-права во фудбалот. Тој е човек со многу шапки, тука има премногу конфликти на интереси кои не смеат да постојат во 2022. Еден човек не може да биде во сите овие организации и да води ТВ-канал кој купува права за Ла лига, Лигата на шампиони, репрезентативните мечеви. Ќе поднесеме формална жалб до УЕФА оваа недела, но и тужба во Франција и уште една пред ЕУ во Брисел. Ќе видиме и за во Швајцарија“, најави Тебас.
Тој повторно ги критикуваше ПСЖ и Манчестер сити за прекршување на финансискиот ферплеј.
„ПСЖ ја убива француската лига. Има правила на УЕФА за да се спречат такви ситуации, но ако не дојде до тоа, ПСЖ ќе ја убие лигата. Меси дојде во ПСЖ и француската лига доби 70 милиони евра од меѓународните ТВ-права, додека ние добиваме 900 милиони евра без Меси и без Кристијано Роналдо“, посочи Тебас.
Ал-Хелаифи: Во Шпанија се љубоморни бидејќи француската лига е посилна