Претседателот на шпанската Ла лига, Хавиер Тебас, ја продолжи „крстоносната војна“ со Пари Сен-Жермен и со францускиот фудбал, велејќи дека Лионел Меси едноставно не го добива вниманието кое го заслужува како кога беше фудбалер на Барселона.
Меси замина во Париз летото 2021 година, откако Барса не беше способна да му го обнови договорот поради финансиските проблеми и ограничувањата од Ла лига, и по првата потпросечна сезона на „Паркот на принцовите“, сега повторно е во врвна форма. Барса, пак, ќе игра во Лига Европа, но Тебас смета дека тој не го добива заслуженото внимание поради тоа што игра во послаба лига.
„Мислам дека Меси не само што недостасува во Ла лига, недостасува и во фудбалот, бидејќи француската лига е тоа што е, нели? Без разлика на тоа што ќе направи со ПСЖ, го следат многу помалку луѓе отколку кога беше во Барселона. Затоа, на фудбалот му неостасува Лионел Меси. Мислам дека ќе има одлично Светско првенство, каде што, конечно, ќе го видиме повторно. Не гледам дека многу фанови го гледаат како игра против Нант. Со Барса, во оваа лига, сите го гледаа многу почесто“, вели Тебас.